Kога е време за филери, а кога за ботокс. Што е подобро и за кого?
-Постои разлика. Дермалните филери служат за пополнување брчки, фини линии или пак деформитети – асиметрија на лицето, асиметрија на устата. Тоа се пополнувачи или подигнувачи на волуменот. Во основата е хијалурноската киселина која што е двојно вкрстена молекула и таа ја имаме како составен дел на нашето сврзно ткиво. Во тој случај, хијалуронската киселина во филерот, на температурата на телото, бабри и се создава една гел конзистенција и дава една црвстина и волумен на ткивото.
Која техника ќе ја употребиме зависи дали сакаме да добиеме волумен, да направиме лифтинг, во смисла да го подигнеме образот, да ги пополниме деформитетите на лицето, носот, кривините на носот, дали сакаме да ги корегираме подочниците – сето ова функционира волуменски. Се аплицираат во слоевите од кожата. Постојат филери со различни густини, различен период на траење, од различни произведувачи, генерации. Во принцип, техниката на апликација ја избираме секогаш во насока на она што сакаме да го добиеме на лицето како краен резултат.
Ботоксот е неуротоксин по својот состав, служи за блокада на нервно-мускулната врска. Значи, за експресија на мимиките на лицето добиваме нервен импулс за да ги подигнеме веѓите, да го збрчкаме челото, така настануваат брчките… во тој случај го аплицираме ботоксот на мускулно ниво, за да ја спречиме контракцијата на мускулатурата. Како мускуларата не се контрахира, во период од две-три недели, почнува да се измазнува кожата, бидејќи не ја прати контракцијата на мимиката, спречува создавање на нови брчки, ги измазнува старите, така добиваме мазно чело,подмладена очна зона, без брчки. Заклучок е дека апликацијата на ботоксот прави инактивација на нервно мускулната врска и инактивација на мимичната мускулатура.
Периодот на траење на ботоксот е помеѓу шест месеци при првата апликација, а потоа се бара одново и одново аплицирање. Од друга страна, кај филерот процесот на одржување оди малку побавно, на период од година, две, бидејќи процесот на стареење е различен кај секого. Појавувањето нови брчки се случува индивидуално.
Кога е најдобро време да почнеме?
-Светските стандарди покажуваат дека третманите за одржување на лицето се базираат на основна нега. Тоа понатаму оди кон напредна нега – специфична нега за специфична кожа (акни, лузни, флеки) или пак имаме предвремено стареење – фини линии, подочници – тие специфични третмани се кога решаваме некаков проблем. Ако целата таа процедура не дава резултат и има забрзано стареење од Х индивидуални причини, кога во состојба на мирување имаме појава на брчки, веќе треба да употребиме дермален филер. Или доколку имаме брчки на чело во состојба на мирување, треба да употребиме ботокс. Сите оние техники на превенција на стареењето, со методи кои не се чекор по чекор, се “силување“ на лицето и кожата, мускулатурата. Обично советуваме да се оди чекор по чекор.
На кои делови од лице, односно тело можат да се аплицираат?
-Доколку сакаме да корегираме волумен – да корегираме јаболчници, да зголемиме волумен на уста, во тој случај техниката на апликација е да добиеме волумен. Доколку сакаме да контурираме – да поправиме контури на лицето кои не ни се допаѓаат, во тој случај се употребува техника контурирање. Ако се во прашање дефекти – асиметрија на лице, уста, дупки кај очите – тогаш употребуваме друга техника за естетска корекција и нормално имаме корекција кога има процес на забрзано стареење или драстично менување на килажа од плус во минус, кога целиот тонус на кожата е паднат – течен -ликвид лифтинг.
Ризици од ботокс/ризици од филери?
-Доколку се аплицираат стручно, стерилно, во согласност со пациентот, доколку му се објасни што може да се очекува, не постојат ризици. Секогаш истакнувам дека треба макар 10 минути да се посвети на разговор, да се даде еден основен прашалник за да се види дали тој пациент е идеален за процедурата која ја одбрал. Улогата треба да ни биде пред се’ советодавна, не само да аплицираме, туку да им објасниме од каде и кога да почнат, дали имаат контраиндикации и слично. Апсолутни контраиндикации, односно кога не треба да се аплицираат филери/ботокс се ако имаат некое автоимуно заболуање, иминуносупесивна терапија, доколку пациентот е болен до карцином, има отворени рани на кожа, алергиски реакции, бременост, доење – тогаш би можеле да имаме компликации. Битно е да се одреди дали е првпат или имаме корекција, бидејќи организмот не реагира исто на прва и повторена апликација.
Што да очекуваме после тоа??
-Ќе имаме оток, лесно црвенило, модрица на местото на апликацијата, може да се јави извесна болка, па затоа докторот треба да го мониторира пациентот од 48 до 72 часа од апликацијата, за да знаеме како реагира организмот. Тоа треба и да се нотира. Ако има бурна реакција – големо црвенило, силни отоци, модрици, кои бараат и друга терапија, во тој случај треба да се заведе во картончето, за да се има предвид за понатаму. Генерално, ризиците се сведени на минимум, ако се работи правилно. Секаква нестручна апликација, нестерилна и нечиста средина, без ракавици, без нотирање кој производ сте го аплицирале, рок на траење на производот и слично, е апсолутно голем ризик – да се направи поголем дефект од претходно, инфекција па дури и некроза на ткивото. Овие зафати мора да ги прави стручно лице, посебно ако се работи за ботоксот – бидејќи тој може да направи депресија на мускулатурата доколку се стави во поголема количина од предвидената, може да направи и ирверзибилни последици, на пример паѓање на капакот на окото, кој нема да се врати после истекнување на рокот на апликацијата. Треба да се внимава каде и како се аплицира,добро да се познава анатомијата на лицето, а докторите се обврзани и законски да направат прашалник и да побараат согласност од пациентот.
Колку време траат?
-Самата постапка трае кратко од 15 минути до 1/2 час. Количината на апликација на производите е лимитирана, а интервенцијата треба да се обнови од шест до девет месеци, година, па и две. Штом производот трае подолго значи дека во составот на дермалниот филер освен хијалуронска киселина има и други состојки тнр.полнители што го спречува организмот да ја ресорбира хијалуронската киселина. Во тој случај, полнителните се тие што го продолжуваат векот на дермалниот филер. Тоа е разликата помеѓу оние за 6 месеци и 2 години. Постапката се прави при локална анестезија, може да има блок анестезија, да се блокира директно некој нерв на лицето или да се користи локално ладење, локална анестезија. Во принцип, се работи за издржлива болка, но треба психичка подготовка. Секогаш велам, кога ќе се одлучите да правите некоја промена на себе, на лицето, треба да си се замислите себе и да си замислите дека таа процедура мора да се истера и да се одржи на одреден начин. Доколку не ви се допаѓа изгледот, со дермалниот филер множете да прекинете во било кое време, и да одлучите да си го вратите природниот изглед и никому ништо. Тоа ќе си се врати, но со ботоксот нема назад, тоа треба да се знае.
Филери за врат, деколте, може ли да го спречиме нивното стареење?
-Вратот, деколтето и рацете се тие кои ни ги издаваат вистинските години. Кожата секогаш не одговара на возраста на индивидуата. Некогаш кожата покажува помладолики карактеристики, бидејќи има природни предиспозиции да создава подобри количини на колаген, на еластин, да е поквалитетна. Но, некој ја нема таа предиспозиција, па побргу старее и може да изгледа постар од тоа што реално е. Процесот на стареење покрај што е детерминиран од генетска предиспозиција, условен е и од надворешните фактори. Начинот на живот, стресот, апликацијата на соодветни приизводи на нега, третмани итн… Тоа е она што можеме како индивидулна активност да направиме за да го спречиме стареењето. За конкретно посочените места постојат методи кои можат да делуваат превентивно за да го спречиме процесот на стареење. Тие превентивни методи се делат во две големи групи – оние што делуваат на кожа ( да биде добро нахранета, да е заштитена, да не е дехидрирана и тука спаѓаат серуми, креми, маски, професионални третмани на ниво на кожа и оние кои се на ниво на мускулатура). Со овие третмани се размрдува циркулацијата, се прави лифтинг, со еден збор се подобрува квалитетот на кожата. Втората група зафати се колагено-стимулативни или таканаречени инвазивни дерматолошки третмани, кога употребуваме агресивна техника за да создадеме импулс во кожата за создавање на колаген и еластин, кои што се одговорни за тонусот на кожата и за да се спречиме процесот на стареење. Тука спаѓаат хемиски пилинзи – медицински, потоа мезотерапија со дермапен или со игла, при што малите микротрауми во комбинација со мезококтелите поттикнуваат создавање на колаген. Тука се вбројува и мезопорација или внесување на мезоактивни состојки со апарат, популарниот т.н вампирски лифтинг или ПРП третман со плазма, и поново најновата генерација на мезоконци кои се исто така колагено-стимулативни дерматолошки третмани. Мезоконците се ресорптивни конци кои се употребувале долги години наназад за хируршки интервенции, при апликацијата во кожата мезоконците се ставаат на специјални игли или канили. Мезоконците се ставаат во мезодерм и стимулираат создавање на нов колаген и еластин, како резултат добиваме подобрување на тонусот, ја затегнуваме кожата и го спречуваме процесот на стареење. Сите овие методи можат да се употребуваат комбинирано за лице,деколте, врат, раце, за да можеме да добиеме една квалитетна кожа, кожа со квалитетен колаген. Паралелно со овие колагено-стимулативни третмани, можат да се прават и оние класични третмани за нега. Но, овие се прв чекор при приоцесот на стареење и начин да ги „излажеме“ годините.
Третмани за лице во 30, 40, 50, 60+
-Возраста на годините не секогаш одговара на возраста на кожата, меѓутоа добро е да се почнат чекор по чекор работите.
На 30 години потребна ни е основна нега на кожата, значи длабинско чистење, отстранување на шминката, пилинг и маска за потхранување и соодветни креми за типот на кожата. Најчесто се дневни, но може да се воведат и ноќни ако типот на кожата е таков да бара ноќна нега.
Веќе на 40 естрогенската стимулација почнува да опаѓа, па создавањето на колагенот се продолжува, од 28 на 35 дена. Сега ни треба стимулативна козметика, која ќе биде во форма на серуми. Серумите содржат концентрирани состојки кои се 3 до 4 пати повеќе од соодветните креми и можат да се користат како инванзивен домашен третман 2-3 пати во годината, но не континуирано. Се разбира дека во овој период е добро да почнеме да внимаваме на здравјето – што јадеме, колку физички сме активни, бидејќи сето тоа влијане на состојбата на кожата.
На 50-60 години веќе мора да воведеме вага(кантар), односно добро да измериме со што да ја започнеме негата. На едната страна се серуми, маски, креми, пилинзи, професионални третмани, а на другите се естетско-медицински третмани. Дали ќе почнеме да ставаме филери, ботокс, дали колагено-стимулативните третмани, зависи од состојбата на кожата и желбата. Некои од жените велат дека си ги сакаат брчките и сметаат дека основната нега е доволна. Но, некој не го поднесува лесно стареењето или едноставно има некој важен настан и сакаат да биде во центарот на вниманието. Во тој случај, убаво е да се одреди и степенот на квалитет на кожата. Секоја кожа не може да истрпи еднаков процент на агресивни третмани или филери или ботокс . Нема жена што не е среќна кога изгледа убаво и допадливо, и кон тоа се стреми.
Но секоја возрасна категорија треба да си се држи во рамките на протоколите за негување. Да не се брза со постапките бидејќи нашата кожа памти. Доколку ѝ внесувате големи концентрации на активни состојки од надвор, таа нема да ги употреби своите механизми и да си создаде свои, туку ќе чека да ги добие преку серумите, кремите или со еден збор ќе стане зависна од надворешните активни состојки.
Кога е идеално време да се започне со козметичар?
-Обично убаво е да биде во тинејџерски години. Не би сакала да кажам дека треба да се чека да се појави некој проблем – појава на акни или црвенило, па тогаш да се дојде на козметичар. Убаво е навиката за козметичар да се пренесува од мајка/родител на дете, миењето на лицето и негата да биде дел од домашните навики и воспитание. Ако се шминкате – да се знае дека треба шминката темелно да се исчисти, кога е идеално време да се започне со шминка, кој производ е соодветен според годините, тоа треба родителите да го пренесат на детето како знаење. Но, ако бара професионален совет – почнувајќи од чистење на лицето од митисери и слично, потребно е да се дојде на козметичар, да не се стискаат сами дома. Така ќе биде полесно да се одбере соодетен производ за тој тип на кожа и возраст.
Има голема популација на жени кои првпат доаѓаат на козметичар на 30-35 години, кога веќе ќе почувствуваат дека кај кожата нешто се менува– се појавиле флеки, или лузни од акни. И тогаш не е доцна, ако претходно го знаеле вистинскиот начин како да ја негувате кожата дома и тоа ви функционирало. Кога првпат ќе ви се појави проблем, добро е да се отиде на козметичар, бидејќи професионално ќе се одреди типот на кожата и типот на нега.
Некоја кожа има потреба еднаш месечно – или на два месеца да се одржува со основна нега. Притоа убаво ќе се одреди квалитетот на кожата, ќе се одреди кога би требало да се почне со серум. Но, друг тип на кожа има потреба да се третира на две недели. Нашиот пристат е секогаш да одвоиме макар 10 минути за консултација за да ги одредиме типот на кожа и проблем и да препорачаме соодветен третман и да отвориме картонче, за да следиме како се менува.
Хијалуронска киселина – што треба да знааеме за неа?
-Хијалуронската киселина што се употребува во серуми комплетно се разликува од онаа што се користи во филерот. Како козметичка состојка таа е во форма во макромолекула, обично на носач за да може да се испушти активната состојка во одредено ниво на кожата. Во тој случај, таа има улога на длабинска хидратација, го враќа волуменот и текстурата на кожата како резултат на задршката на водата во слоевите од кожата. Хијалуронската киселина е голема молекува, ја повлекува водата од подолните слоеви на кожата, бабри и ни дава чувство на полност на лицето, спречува дехидратација, ги измазнува фините линии. Во козметички препарат има повеќе заштитно дејство, да не се создаде процес на уништување на колагенот и еластинот заради недостаток на водата.
Може да ја користат и помлади. Особено кај тип на кожа – сува, сува и осетлива, за да се направи бариера. Не се препорачува иста крема да се користи долго. Бидејќи немаме јасно дефинирани 4 годишни времиња, туку две, убаво е макар два пати годишно да се менува летна и зимска крема. Потребите на кожата во зима се едни, во лето други. А во преодните периоди, да употребуваме серуми, за интенизивен третман и да можеме преодниот период да го поминеме полесно. Два до четири пати во месецот можеме да употребиме пилинг и маска во домашни услови, да ја потхраниме и негуваме кожата.
Кој дел од лицето прв губи волумен и еластичност?
-Има еден триаголник на стареење. Кога човекот е млад врвот на триаголникот е кон устата и брадата, а потоа со стареењето врвот е кај коренот на носот – добиваме пад на аголот на очите, носот ни се исшилува, аголот на усните паѓа и ни се појавува подбрадок. Процесот на стареење се појавува бидејќи основната мрежа структурна на кожата го создаваат колагенот и еластинот. Тие создаваат мрежа во која се задржуваат потпорните структури на кожата како масното ткиво, поткожно сврзно ткиво. Ако таа мрежа колагенска е кршлива и неквалитетна, брзо се распаѓа. Тогаш нема што да ја држи и тонусот на кожата паѓа. Може да имаме кожа која нема брчки, но има опаднат тонус. А според тоа ја одредуваме и потребата од соодветни третмани. Може да има и брчки, но одличен тонус или пак и тоа и тоа е оштетено.
Подочници и филери?
-Подочниците и темните кругови се можеби еден вид на епидемија во поново време, бидејќи користиме електронски уреди со сина светлина, која делува на успорување на циркулацијата во очната зона. Кожата обично е 3 до 4 пати потенка отколку на другиот дел од лицето, капиларите се повидливи, а во капаците имаме масни перничиња кои ја задржуваат водата, дегенерираат и ни го даваат подуениот изглед. Е сега третманите се прво да се превенираат овие состојби, но доколку не ни успева така, да употребиме филер. Но, филерот овде нема да врши пополнувања, како кај усните на пример, туку со него ќе обезбедиме подобра хидратација на кожата, за да се исхранува подобро кожата, да ги измазниме фините линии и малите брчки на очната зона и да не ни бидат пропаднати капаците. Еден едукатор за филери велеше дека сите депресии на лицето, даваат изглед на тажна личност. Но, ако тие се пополнат, тогаш се менува личниот опис, односно експресија на лицето, па ќе изгледате како ведра, одморена личност. Значи, филерите се во насока на свеж изглед на очната зона и да го спречиме стареењето на кожата. Но, тоа не значи дека со филерот треба да престане негата на кожата. Очната зона бара поголема нега отколку остатокот од лицето. Сепак ќе речам дека не одзема многу време. Можете да правите и масажа околу очната зона во домашни услови, која може да даде подобри резултати од било кој друг третман. Така што, нека не не’ мрзи да направиме неколку движења околу очната зона кога ставаме крема или серум на пр. навечер.
Подготовка на лицето?
Чистење – млеко или тоник, темелно чистење. Соодветна крема за лице, која ќе ја аплицираме на врат и деколте. Еве и еден итересен и корисен совет за вашите читателки – кремата нанесувајте ја на надворешната страна на длакнките, дел од производот го размачкувате на вратот и деколтето, а остатокот од кремата воендо и на рацете и на тој начин со еден чекор ги негувате сите три делови. Секој производ што сакате да го пробате и да видите дали ви одговара, првин нанесете го на горната страна дланките. Тука ќе видите колку брзо ја впива кремата, дали е доволно хранлива, дали е со добра текстура. Ако имате било каков податок за алергија на билки или некоја состојка на кремите, прво треба да се провери дали производот предизвикува црвенило, свраб или иритација, така што се аплицира позади увото или на внатрешната страна на лактот. А кога ставаме шминка, да се одреди која најмногу ни одговара, а потоа да се извади истата темелно и со шминка да не се легнува. Посебно важи за тинејџерската популација. Инаку, според типот на кожата, можете одредени третмани да си ги правите и во домашни услови. Ние на нашата страна имаме апликација за брзо тестирање на кожата (ЛИНК), преку одговор на неколку прашања, кое може да ве насочи каков третман ви одговара, производ кој ви одговара и секако каков тип на кожа имате.
Акни после 40?
-Акните доколку се појавуваат после 35 се најчесто врзани со некој дисбаланс на хормоните. Затоа е најдобро прво да се направи гинеколошки преглед и да се види дали има некое хормонско отстапување. Доколку е сè во ред, тогаш го бараме потеклото на акните во начинот на негата – дали правиме нешто погрешно во негата. Најчесто се јавуваат како резултат на слабите точки – на стрес, замор, неспиење, несоодветна храна, физичка активност или внес на суплементи кои не одговараат на вашата кожа (тука мислам на аминокисеслините, за мускулна маса или витаминските суплементи кои се депонираат, витамини во големи дози. Во тој случај, акните се болни на допир, црвенилото и иритацијата не стивнува и доколку сакате да ги стиснете, нема да излезе секрет. Ние што правиме? Прво детектираме каде е распоредот на акните и дали се врзани со хормонска активност. Но, ако е тоа во ред, следно е микробиолошки брис од секретот на акната, дали има бактериска инфекција или не. А ако и тоа е мирно, тогаш треба да се смени начинот на живот во смисла на исхрана, физичка активност, квалитетен сон. Мора да се постигне баланс во телото од внатре, лекувањето не оди брзо, обично од 6 до 12 месеци. Убаво би било акните да се третираат, диференцијално дијагностички, да се види што е причината ( хормони, тироидна, начин на исхрана, системот за варење, интолиранција на храна, лекови, а потоа и стрес, неспиење, сите овие можат да бидат причинители). Процесот не е наједноставен, комплексен е и си бара време, но со посветеност се надминува проблемот.
Што со црвенилото после 50?
-Купероза, розацеа, се најчести дијагнози. Но, прво треба да се одреди причината. Може да е резултат на истенчување на кожата. Со стареењето слоевите на кожата се намалуваат, таа станува тенка и провидна, се наголемува видливоста на капиларната мрежа која реагира на топло- ладно, чаша вино, туширање, стрес, неспиење и се рефлектира со дифузно црвенило и печење. Во тој случај сме мирни дека треба да третираме со соодветни производи и да ја подигнеме отпорноста на кожата. Но, ако кожата не е истенчена, нормална е, а има појава на видливи капилари и појава на црвенило, тогаш зборуваме за исхемична кожа која слабо се исхранува, нема доволно кислород, се појавува црвенило, перутање, чешање, и тогаш веќе треба да ја третираме бидејќи станува збор за заболување. Мора да се разграничи дали црвенилото е резултат на болест или физиолошка состојба на кожата. Многу брзо и лесно се мешаат овие симптоми и веднаш се даваат производи за купероза или розецеа, тие се најчесто со кортикостероиден состав, а се забораваат производите за основна нега кои можат да се адаптираат и за оваа состојба на кожата . Тие ќе го ублажат црвенилото, но ако ги дадеме на кожа која има намален број на слоеви, ќе ја истенчат уште повеќе и процесот ќе го направат иревизибилен. Тие ќе дадат позитивни резултати само доколку имаме детектирано болест.
Ова е дерматолошки проблем, и треба да се посети дерматолог, а ние како козметички салон можеме тоа само да го негуваме, да ја подигнеме отпорноста, да дадеме креми со масни киселини омега 3, 6 и 9, или да спречат иритација, да ја заштитиме кожата од надворешните штетни влијанија. А лекувањето си е сосема друго и бара повнимателен пристап локално и системски.